Во книжарницата Литература.мк во Дајмонд мол во Скопје, се одржа промоција на монографијата „Кире Костов-македонски инструменталист, композитор, диригент и педагог“ од Снежана Анастасова Чадиковска и Марко Коловски.
Станува збор за дело кое содржи околу 250 страници и претставува сведоштво за творечкиот опус на еден од најистакнатите македонски композитори Кире Костов (1949-2023) – од првите композиции, преку долгогодишната работа во Танцовиот оркестар на МРТ, до неговите најпознати песни како „Летај галебе“, „Твоите очи сине“, „Тајно моја“, „Кога те нема“, „Што те нема“, „Бела птица“ и многу други, кои претставуваат македонско музичко наследство.

Во првиот дел е претставен животот на Кире Костов со повеќе соговорници, неговите пријатели и соработници, а во вториот е опфатено неговото творештво.
Објавувањето и претставувањето на монографијата, како и предстојниот концерт во чест на маестро Кире Костов, се резултат на иницијативата на неговата сопруга Кармен Костова, пијанистка и педагог која рече дека не очекувале дека монографијата ќе излезе толку добро. Скромна и тивка како и секогаш Кармен Костова им се обрати на присутните со неколку реченици во кои можеше да се почувствува љубовта и почитта кои таа и Кире ја чувствуваа еден за друг.

Промоцијата што се случи а секако и концертот закажан за 11. ноември ќе претставуваат две значајни случувања за македонската музичка историја.
На промоцијата скоро и да не изостана некој од музичкиот свет на Кире Костов, неговите изведувачи, пријатели, соработници.

Професор Врчаковски во еден момент не потсети како тој и Кире правеле песни, особено текстот што предизвика восхит меѓу присутните, особено што го слушнавме гласот на маестро Кире Костов.
Г.О.
