Денес се одбележуваат 13 години од заминувањето на истакнатиот актер и поранешен директор на Драмскиот театар во Скопје, Бранко Ѓорчев, кој почина на 24 февруари 2013 година по долго и тешко боледување.
Роден во 1962 година во Неготино, Ѓорчев дипломирал во 1986 година на Факултетот за драмски уметности при Универзитет „Кирил и Методиј“ во Скопје, во класата на проф. Вукан Диневски. Неговата професионална кариера започнува во 1987 година во Драмски театар – Скопје, каде со децении беше еден од носечките актери.
Зад себе остави богато актерско портфолио – бројни главни и споредни улоги во значајни театарски продукции, како во матичниот театар, така и на сцените низ целата држава.
Во 2006 година беше назначен за директор на Драмскиот театар, а во 2010 година повторно ја доби довербата да ја води институцијата. Неговата улога не се ограничуваше само на сцената – беше активен и како уметнички раководител, педагог и иницијатор на културни проекти.
Во 1997 година го основа театарот „Бабилон“ во Скопје, а подоцна и Културниот центар „Квартет“. Беше дел од повеќе уметнички и театарски совети, како и предавач по реторика и ораторство на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Кирил и Методиј“.
Ѓорчев добитник е на повеќе престижни награди и признанија, меѓу кои „Златна маска“ на фестивалот Охридско лето за улогата на Мефисто во претставата „Мефисто“, награда за најдобар глумец во 1990 година, како и признанието „Св. Климент Охридски“ за 2012 година за долгогодишен придонес во културата и уметноста.
Тринаесет години подоцна, неговото име останува синоним за посветеност, професионализам и силна театарска енергија – вредности што продолжуваат да живеат преку сцените што ги осветлуваше.
