Македонскиот женски ракометен првак ЖРК Ѓорче Петров со победа го започна настапот во Лигата на Европа, откако на домашен терен ја совлада екипата на Мост од Чешка со 22:18.
„Лавиците“ одиграа борбен натпревар во кој гостинскиот тим долго време одржуваше резултатска неизвесност, но решавачкиот период се покажа во последните 10 минути.
Во завршницата македонските шампионки покажаа карактер и успеаја да направат клучна разлика, одлепувајќи се на 19:15, по што искусно ја зачуваа предноста до последниот свиреж.
Победата од четири гола разлика е добра основа пред реваншот во Чешка, но не и резултат кој дозволува опуштање, бидејќи прашањето за патникот во следната фаза останува отворено.
Најефикасна во составот на ЖРК Ѓорче Петров беше Анџела Губерниќ со седум постигнати голови, додека Емилијана Ризоска натпреварот го заврши со четири гола.
„Лавиците“ сега ги очекува тежок реванш, во кој ќе се обидат да ја потврдат предноста и да обезбедат пласман во следната рунда од европското натпреварување.
