Работнички ја продолжи совршената серија во новата сезона откако го освои големото македонско кошаркарско дерби против МЗТ Скопје Аеродром. Во преполната сала „Јане Сандански“, гостите од Градски парк славеа со убедливи 60:74 и му го нанесоа вториот пораз на шампионот во Суперлигата.
Дуелот од седмото коло започна во знакот на Работнички, кој од самиот старт ја презеде контролата врз резултатот. „Црвено-белите“ имаа постојана предност, а највисоката во првата четвртина изнесуваше осум поени (8:16). МЗТ успеа да одговори во финишот на периодот и да намали на само еден поен негатива (16:17).
Актуелниот шампион од Аеродром подобро ја отвори втората четвртина и со серија од 10:0 стигна до најголемото водство на натпреварот – 29:19. Сепак, Работнички не дозволи противникот да се одлепи. Со подобра игра во завршницата на првото полувреме, гостите ја намалија разликата и на пауза заминаа со минимална негатива од три поени (38:35).
Клучниот момент се случи во третата четвртина. Работнички започна фуриозно и направи серија од 17:4, со која целосно го сврте текот на натпреварот. Во 26. минута тимот од Градски парк првпат стигна до двоцифрена предност (42:52), а до крајот на периодот ја задржа контролата.
Во последната четвртина МЗТ се обиде да се врати во игра, но гостите сигурно го одржуваа водството и не дозволија неизвесна завршница. Напротив, Работнички во финишот ја зголеми предноста и стигна до убедлива победа од 14 поени разлика (60:74).
Најефикасен кај победничкиот состав беше Виктор Ефремовски со 17 поени. Џексон Елингсворт оствари дабл-дабл ефект со 14 поени и 10 скока, додека Роберт Рикиќ додаде 12 поени и девет скока.
Кај МЗТ Скопје двоцифрен учинок имаа само репрезентативците Адем Мекиќ со 14 и Војдан Стојановски со 10 поени.
Со оваа победа Работнички остана единствената непоразена екипа во Суперлигата со седум победи од седум натпревари и се зацврсти на врвот на табелата. МЗТ, пак, го претрпе вториот пораз сезонава.
