Секое одложување мора да биде потврдено, на пример медицински, ако не е веродостојно ќе има казни. Гарантираме дека се ќе биде транспарентно. Имајќи го ова предвид, ве молам, ако можете сами да се организирате, барем да присуствува по еден претставник на семејството на рочиштата. Не можеме да гарантираме брзина, за да не се направат грешки и случајот да пропадне. Никој не знае колку време ќе трае, дали пет месеци или пет години. Ако правиме сè редовно, нема да го одложуваме процесот за да се добие правда, изјави судијката Дијана Груевска-Илиевска на почеокот на судскиот просец за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“. Рочиштата за овој случај се одржуваат во судницата на КПУ „Идризово“.
По осум месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска започнува судењето за пожарот од 16 март, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Првото рочиште се одржува во КПУ Идризово под засилени безбедносни мерки.
Обвинението, поднесено во јуни и одобрено во октомври, опфаќа 38 обвинети – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници. Тие се товарат за тешки дела против општата сигурност.
Истрагата утврдила дека „Пулс“ повеќе од една деценија работел нелегално, без минимални технички услови, со реконструкции без дозвола и без противпожарна заштита. Институциите со години не спроведувале надзори, издавале лиценци спротивно на закон и дозволувале преполнетост и влез на малолетници.
На критичната вечер биле употребени нелегално набавени пиротехнички средства за време на настапот на групата ДНК, што директно довело до пожарот. Во клубот имало многу повеќе посетители од дозволеното, меѓу кои и деца.
Одговорност обвинителството гледа кај сопствениците и управителите на клубот, кај обезбедувањето што работело без договор и без дозволи, кај локалните инспектори и поранешни градоначалници кои не постапиле по службена должност, како и кај службеници што неправилно издавале лиценци.
Обвинетите се теретат за тешки дела против општата сигурност, за кои се предвидени најмалку три години затвор. Процесот ќе го води судијката Диана Груевска Илиевска, а обвинението го застапуваат 15 јавни обвинители. Планирани се две рочишта неделно.
Паралелно со судскиот процес, родителите и блиските на жртвите веќе осум месеци одржуваат „Марш на ангелите“ – меморијален и протестен собир со барања за правда и одговорност. Последниот голем протест се одржа на 15 ноември во Скопје.
Трагедијата од 16 март останува најтешката несреќа од ваков тип во Македонија, зад себе оставајќи 63 загубени животи, нелегален објект, системски пропусти и долг список институции и поединци обвинети за несработена работа.
