Додека граѓаните очекуваат транспарентност и отчетност, многу македонски општини се уште не ги исполнуваат ниту основните антикорупциски стандарди. Ова го покажува анализата за правната рамка за спречување на корупцијата, со фокус токму на локалната самоуправа, која вчера беше презентирана во Собранието.
Истражувањето на тројца експерти опфатило над 30 закони и покажало дека голем дел од општините немаат усогласени документи со националните стандарди.
Во многу статути недостасувале одредби за отчетност, пристап до информации, судир на интереси и етички правила. Дополнително, само мал број од општините имале кодекси на етика, а често и не објавувале ниту одлуки, ниту записниците од седниците.
Општините треба итно да се корегираат, затоа што локалната власт не е само администрација, туку и одговорност кон граѓаните. А без транспарентност и ред, довербата тешко се гради.
