Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески преку својот фејсбук профил извести дека во текот на летниот период интензивно се работи на подобрување на условите во детските градинки и во основните училишта во Општина Аеродром, каде што покрај редовното бојадисување и темелно чистење, се вршат и поголеми зафати.
„Во детската градинка „Буба Мара“ во Ново Лисиче, беа санирани дел од тоалетите, а целосна реконструкција се направи и на големата тераса на која старите и дотраени плочки се заменија со нови за безбедна настава и игра на дечињата. Исто така, набавени се и нови детски реквизити што во наредниот период ќе бидат монтирани во дворот на градинката, со што децата ќе имаат можност на уште позабавен начин да го минуваат времето надвор, истакна Митески во својата објава.
Денеска, покрај „Буба Мара“, тој го посети и ООУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, каде што исто така, како што вели, летниот распуст со полна пареа се користи за значајни зафати за обнова и реконструкција.
„Она е што е ново е поставувањето на фотоволтаици, кои се донација од општествено-одговорна компанија, како и инсталирање паметен систем за следење и управување со потрошувачката на електрична енергија во училиште, во соработка со Министерството за енергетика, рударство и минералните суровини и Македонски Телеком. Со овој проект очекуваме во голема мера да се намалат сметките, но и паметно да се управува со потрошувачката на електричната енергија. Во овој период во ООУ „Лазо Ангеловски“ се молерисуваат 14 училници, се отстрануваат дрвените панели од ходниците и естетски се уредуваат ѕидовите, се врши санација на таванскиот дел меѓу училиштето и фискултурната сала, а се менуваат и влезните врати на училиштето и на фискултурната сала, објаснува Митески.
Тој додава дека ќе продолжат и во наредниот период интензивно да работат на реконструкција и санација и во други училишта и детски градинки.
Оваа година за таа немена издвоени се околу 9 милиони денари.

