На второто рочиште од судењето за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, одбраната уште на почетокот остро го нападна Обвинителството, тврдејќи дека доказната документација е несредена, хаотична и во ваква форма го отежнува правото на одбрана.
Еден од бранителите посочи дека дел од материјалите што одбраната ги добила во електронска форма буквално биле „превртени наопаку“ и не можеле да се ротираат, што ја правело нивната употреба речиси невозможна. Дополнително, доказите не биле нумерирани ниту јасно именувани.
Други бранители реагираа дека нивните клиенти не го добиле интегрираното обвинение и не можат да се изјаснат за вина, а тие да дадат одбрана.
Судот ги нотираше приговорите, а во продолжение на рочиштето се очекува обвинетите формално да се изјаснат за вината. Одбраната, пак, веќе најавува дека ќе продолжи да инсистира на средување на материјалите и на проширување на доказната постапка со нови сведоци, аргументирајќи дека само така може да се обезбеди фер процес во еден од најчувствителните случаи што во моментов се водат пред македонските судови.
За пожарот во дискотеката Пулс обвинети се 34 физички и 3 правни лица.
