Викендов коњаници од традиционалниот „Илинденски марш“ тргнаа кон Крушево.
Оваа манифестација за првпат е организирана во 1978 година, кога тројца коњаници од Горно Лисиче Гоце Стефковски, Борче Стефковски и Борис Змејковски тргнале кон Мечкин камен. Кога пристигнале во Крушево никој ни ги пречекал, ниту пак се знаело кои се од каде се, зошто го направиле овој марш.
По полагањето цвеќе и изразената почит на Илинденците, коњаниците заминале во близина на Крушевското езеро, за да се одморат. Но набргу дошла полицијата и барала да го напуштат местото, затоа што тука било забрането одгледување – чување коњи.
Непријатната ситуација ја спасил потомокот на Никола Карев, Владо Каревски кој на коњаниците им ја остапил неговата нива извикувајќи при тоа „Ова е мој приватен имот“, од тука никој не смее да ве избрка“, по што полицијата си заминала. По враќањето во Скопје групата три дена била притворена и испитувана во полициската станица „Беко“ со цел да се испита целта на маршот, кој го организирал, има ли надворешни влијанија насочени против тогашното државно уредување.
Оттогаш до денес маршот стана традиционален и е со голема масовност.
