Поголем број на ученици во скопското ОУ „Димо Хаџи Димов” утрово се пожалиле на стомачни болки. Инспекциски служби на Агенција за храна и ветеринарство во соработка со Државниот санитарен и здравствен инспекторат спроведуваат вонреден инспекциски надзор во кујната на операторот со храна во ова основно училиште.
Училишната кујна е времено затворена додека се утврдува изворот на евентуално труење со храна, известуваат од Агенцијата за храна.
„Согласно протоколот за постапување при сомнеж за труење со храна, ќе се спроведе епидемиолошка анкета и земени ќе бидат мостри од инкриминирана храна, работни површини и прибор и машини за лабораториско тестирање”, се наведува во соопштението од АХВ.
Како што дознаваме, голем број на ученици од различни одделенија денеска се отсутни од наставата.







