Американскиот претседател Доналд Трамп во денешниот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин побара што побрзо завршување на војната во Украина, соопшти Кремљ. Според советникот на Путин, Јуриј Ушаков, двајцата претседатели оцениле позитивно дека американските мировни преговарачи Стив Виткоф и Џаред Кушнер во текот на викендот ги посетиле Москва и Киев.
Путин во разговорот му ја претставил на Трамп својата проценка за состојбата на бојното поле и своето гледиште за тоа што САД би можеле да направат за завршување на конфликтот. Рускиот претседател, според Ушаков, нагласил и дека Москва нема непријателски планови кон Европа.
Трамп оценил дека брзото завршување на војната би отворило можност за целосно обновување на американско-руските односи, особено во трговијата и економијата. Американскиот претседател сака напредокот да биде постигнат за време на неговиот мандат, а Путин го поддржал таквиот пристап, тврди Кремљ.
Двајцата лидери се согласиле и дека треба да продолжи размената на затвореници меѓу Русија и Украина. Ушаков го оцени разговорот како конструктивен и соопшти дека Трамп и Путин се договориле да останат во контакт и повторно да разговараат доколку има потреба.
