Легендарното градење на автопатот Кичево – Охрид влегува во нова фаза. Не, не дека се дојдени нови машини за ра работат, туку пак се потпиша нов анекс за доградба вреден 186 милиони евра. Морало уште нешто да се поправи во трасата, а тоа требало пак да се доплати. Па така автопатот кој тргна да се прави пред 12 години и требаше да чини 374 милиони евра, сега веќе е стасан до скоро неверојатни 800 милиони евра.
За овој голем македонски потфат сигурно ќе се учи по странските градежни факултети. Одличен пример е како не треба да се планира, проектира и изведува еден пат. Студенти од светот ќе доаѓаат да гледаат како може да се утне траса на автопат ако не се направат квалитетни геолошки истражувања и предвидувања каде ќе има свлечишта.
Ќе учат и за тоа како една власт од 2017 до 2024 година му даде на патот неколку датуми кога ќе биде отворен, ама на терен градежната динамика беше бавна или ја немаше.
Останува нејасно само дали проектот ќе се учи и на странските правни факултети како судски се одговара или не се одговара за ваква крупна и прескапа грешка. Имаше ли градбата надзорен одбор, надгледуваше ли ресорното министерство? Кој, всушност, е одговорен – проектантите, изведувачите или инвеститорите од државата? Кој за големиот пропуст ќе одговара?
Сегашната власт фати некоја градежна динамика, па да се надеваме дека нема да има потреба проектот да го проучуваат и астролозите за да видат во далечната иднината кога автопатот ќе биде готов.

