Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје” јавно алармира дека податоците за загадувањето од индустриската печка во Цементарницата не се достапни во реално време, иако, според нив, постојат технолошки услови за нивно непрекинато следење. Активистите тврдат дека проблемот не лежи во опремата, туку во одлуката на институциите, информациите да не ѝ бидат целосно достапни на јавноста.
Како што наведуваат од таму, тие до Општина Кисела Вода доставиле барање мерната станица поставена во дворот на Усје да овозможи јавно мерење 24 часа дневно, со директна интеграција во апликации за следење на квалитетот на воздухот. Од општината, според иницијативата, било одговорено дека мерните станици не располагаат со систем што поддржува 24-часовна достапност на податоците.
Иницијативата апелира до граѓаните активно да се вклучат и да извршат притисок врз институциите, оценувајќи дека станува збор за прашање од јавен интерес кое директно се однесува на здравјето и квалитетот на живот во градот.
