Новата сезона во АБА и АБА 2 лигата нема да започне според планираниот распоред, откако клубовите донесоа одлука за одложување на стартот на натпреварувањето.
Одлуката била изгласана на состанокот на членовите на АБА лигата со 11 гласа „за“ и еден воздржан, а дополнително ќе биде соопштено кога ќе започне новата сезона и како ќе се реализира натпреварувањето.
Првото коло беше предвидено да стартува на 25 септември, но серијата несогласувања поврзани со судиската организација доведе до пролонгирање на почетокот на сезоната.
Во официјалното соопштение не се наведуваат конкретните причини за одложувањето, но претходно од АБА информираа дека се појавиле проблеми при изборот на судиите, откако дел од арбитрите се откажале од ангажманот.
Според лигата, на конкурсот се пријавиле 50 судии, по што била формирана листа од 20 кандидати. Подоцна неколкумина од нив се повлекле, откако добиле пораки од адреса која, според АБА, неовластено го користела името на регионалното натпреварување.
Од раководството на лигата најавија дека ќе преземат правни мерки поради случајот, а јавноста ќе биде дополнително известена кога ќе биде утврден новиот календар за почеток на сезоната.
