„Пациентка со рак на јајници во трет стадиум на Клиниката за онкологија била лекувана со лекот „капецетабин” и со „цетуксимаб”, иако за тоа немало индикација, сведочеше денеска доктор Маја Равник еден од двајцата вештаци од Словенија, ангажирани од Обвинителството во процесот „Онкологија”.
Таа дообјасни дека комбинацијата на лекови кај оваа пациентка предизвикала многу сериозни компликации.
Вештакот од Словенија објасни дека од 51 прегледано медицинско досие на пациенти од Клиниката за онкологија само во еден случај имало запис од конзилиумот на Клиниката за давање терапија, прекин или промена.
„Одлучувањето за изборот на лекот секогаш треба да оди преку онколошкиот конзилиум, рече Равник.
Таа рече дека тежината и висината на пациентите била заведувана во ретки случаи, а промената на дозата или на лекот, според неа, не може да биде произволна, туку мора да се заведе секоја промена заедно со причината.
-Затоа е нужно лекување во согласност со протоколите и индикациите, рече вештакот.
Во овој случај за тешки дела против здравјето на луѓето му се суди на ексдиректорот Никола Васев, а за несовесно лекување болни на докторите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски.
