Директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, се подготвува да преземе значително поголема улога во американските преговори со Русија и Украина, објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со плановите. Целта на можната промена е да се придвижат дипломатските напори за запирање на војната, откако досегашните преговори предводени од Стив Виткоф и Џаред Кушнер не донесоа пробив.
Според изворите, Ретклиф би можел да стане водечка фигура во посредувањето меѓу Москва и Киев, истовремено задржувајќи ги директните контакти со разузнавачките служби на двете земји. Конечна одлука од американскиот претседател Доналд Трамп сè уште нема, а од ЦИА не сакале да ги коментираат информациите.
Белата куќа, пак, категорично ги демантира наводите за промена на преговарачкиот тим и соопшти дека Трамп и натаму има целосна доверба во Виткоф и Кушнер.
Според „Фајненшл тајмс“, можноста за намалување на улогата на Виткоф позитивно се оценува во дел од европските престолнини, каде подолго време се очекува напредок во преговорите.
Ретклиф кон крајот на август ненајавено ја посетил Москва и со високи претставници на руските разузнавачки служби разговарал за војните во Украина и Иран, како и за руските хибридни закани кон Европа. Според изворите на весникот, првично била планирана и средба со Владимир Путин, но Кремљ тврди дека таква средба воопшто не била договорена.
Една недела подоцна Виткоф и Кушнер отпатуваа во Москва и Киев на разговори со Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, по кои изразија оптимизам за продолжување на преговорите.
Сепак, извори запознаени со разговорите тврдат дека американската страна не понудила значително нови идеи, а Путин не покажал подготвеност да отстапи од своите барања.
Дополнително, „Фајненшл тајмс“ пишува дека Кушнер на свои блиски лица им кажал дека планира да се повлече од преговорите за Украина и повеќе да се посвети на дипломатијата поврзана со Газа и Иран. Украински претставници велат дека Киев има коректни односи и со Ретклиф и со Виткоф и Кушнер и дека за Украина поважно од тоа кој ќе го води американскиот тим е дали Русија ќе покаже подготвеност за компромис.
