Големото поскапување на нафтата и бензинот пак ја отвори старата опасност – некои трговци да ја искористат ситуацијата за брзо и неоправдано покачување на цените во маркетите. Искуството од минатото покажува дека кај нас цените на производите често растат веднаш штом ќе поскапи горивото, но речиси никогаш не се намалуваат кога тоа поевтинува.
Затоа граѓаните уште синоќа на социјалните мрежи апелираат трговците да не прават злоупотреби. Да делуваат поодговорно и да почекаат, откако на светските пазари веќе се забележува смирување на цената на суровата нафта, што значи дека притисокот врз цените на горивата може да биде краткотрајно. Во такви услови, секое избрзано поскапување на производите би било повеќе обид за екстра профит, отколку реална потреба.
И премиерот Христијан Мицкоски е загрижен од избрзување на трговците. Тој најави дека утре ќе има средба со сопствениците на ланците супермаркети во Македонија. Ќе побарал од нив „да не се користи притисокот за веднаш да се зголемат цените и притисокот да се префрли врз потрошувачката кошница на граѓаните”.
– Очекувам тие да имаат фер однос кон граѓаните, за и ние како Влада да бидеме фер кон нив односно заеднички да го заштитиме стандардот на граѓаните, кажа Мицкоски.
Ќе ги послушаат ли трговците апелите на граѓаните и од Владата, останува да видиме. Секое краткорочно поскапување на горивата може да се претвори во долгорочен товар за домашните буџети, а тоа не е добро за сите нас.
