Македонската фудбалска репрезентација продолжува со лошата серија во Лигата на нации. По седмиот натпревар по ред без постигнат гол и новиот пораз на домашен терен, овојпат од Шкотска со 0:2, селекторот Гоце Седлоски не планира да се повлече и најави продолжување на започнатиот процес.
По уште едно бледо издание на Националната арена „Тодор Проески“, во кое гостите беа подобар противник во сите сегменти, Седлоски им честиташе на Шкотите и посочи дека разликата во квалитет била очигледна, особено во физичката подготовка и интензитетот на играта.
„Честитки за Шкотска, беа побрзи, помоќни во дуелите и затоа играат таму каде што играат. Против нивните премиерлигашки ѕвезди ние излеговме со тројца фудбалери од нашата Прва лига. Тешко е да се коментира по ваква серија на порази, навистина ме боли, но јас нема да застанам тука и ќе продолжиме со процесот“, изјави Седлоски.
Македонија уште во почетните минути се најде во негатива, а Шкотска целосно ја презеде контролата врз натпреварот. Селекторот призна дека неговите избраници играле со премногу страв, поради што направил и две рани замени.
„Во првите триесет минути игравме панично, Шкотска целосно ја презеде иницијативата и доминираше. Мислев дека Станковски и Херера ќе ја оправдаат довербата, но не одеа работите и затоа ги променив“, рече тој.
Според Седлоски, внесувањето на Дориев и Малески во завршницата донело одредено подобрување во играта, но тоа не било доволно за Македонија да го избегне поразот.
Во однос на продолжението од натпреварувањето, селекторот призна дека Македонија ќе има тешка задача против најсилните противници во групата.
„За швајцарскиот тим не треба да се трошат зборови, а видовме дека и оваа Шкотска е моќна репрезентација. Единствено со Словенија можеме да се носиме во оваа група. Можеби барем на домашен терен ќе можеме да им парираме на Словенците. Со другите е тешко“, заклучи Седлоски.
