СДСМ побара проширување на истрагата за случајот со возачот на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, кој, според јавно објавените информации, бил приведен при примопредавање пари за наводно посредување при вработување пожарникар.
Од опозициската партија тврдат дека биле побарани 1.500 евра, а во полициската акција биле предадени 500 евра. Според СДСМ, истрагата не треба да заврши кај лицето кое директно ги примило парите, туку треба да продолжи со цел да се утврди дали постојат и други лица поврзани со случајот.
Од партијата прашуваат зошто, како што велат, не било дозволено парите да го следат целиот тек за да се утврди кој стои зад наводното посредување.
СДСМ оценува дека возачот сам не би можел да влијае врз процесот на вработување пожарникар, ниту да обезбеди избор на кандидат, поради што бара од надлежните институции да испитаат дали во случајот се вклучени и други лица со поголемо институционално или политичко влијание.
„Дали Панче Тошковски го спаси својот кумашин Јанушев?“, прашуваат од СДСМ, повикувајќи ги Јавното обвинителство и надлежните органи да дадат објаснување за текот на истрагата и причините поради кои, според нив, акцијата била прекината пред да се утврди целосната трага на парите.
Од СДСМ го споредуваат овој случај со истрагата поврзана со ИПАРД, при која беше уапсен директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Според нив, и тогаш останале отворени прашања за целосниот тек на парите и евентуалната вмешаност на други лица.
Од опозициската партија нагласуваат дека очекуваат целосна истрага и утврдување на сите евентуални учесници во случајот.
