Жителите на јужнокорејскиот остров Улеунгдо утрово добија итно предупредување да побараат засолниште, откако неколку руски воени авиони се приближиле до воздушниот простор на островот.
Министерството за одбрана на Јужна Кореја најави дека во текот на денот ќе го повика рускиот воен аташе за да му упати официјален протест поради инцидентот.
Според Здружениот генералштаб, руските авиони навлегле во зоната за идентификација на воздушната одбрана над Јапонското Море и се приближиле до островот Улеунгдо. Јужнокорејската војска испратила борбени авиони, по што руските летала се оддалечиле.
Воените власти објаснија дека предупредувањето било издадено превентивно поради можноста за нарушување на националниот воздушен простор.
Итното известување било испратено во 7:52 часот до жителите на островот, на кој живеат околу 8.700 луѓе. Телевизиските програми биле прекинати, а на островот се огласиле сирените за тревога.
Предупредувањето предизвикало вознемиреност кај населението, а дел од жителите, особено повозрасните, прашувале дали започнала војна.
Дополнителна забуна предизвикала пораката од регионалните власти, во која погрешно било наведено дека станува збор за севернокорејско летало. Властите подоцна објасниле дека по грешка употребиле текст од претходни воени вежби.
Ова е четврти познат случај годинава во кој руски воени авиони навлегле во јужнокорејската зона за идентификација на воздушната одбрана, а втор во период од една недела.
Навлегувањето во ваквата зона без претходна најава само по себе не претставува прекршување на меѓународното право, бидејќи таа не е дел од суверениот воздушен простор на државата.
Русија не ја признава надлежноста на Јужна Кореја над оваа зона, поради што нејзините воени летала во повеќе наврати навлегувале без претходно известување.
Засега нема потврда дека руските авиони при денешниот инцидент го нарушиле суверениот воздушен простор на Јужна Кореја.
