Со замена на седиштата на лулашките и клацкалките, заврши реконструкцијата на урбаните реквизити на детското игралиште „Млечен“ во Општина Карпош.
Од локалната самоуправа информираат дека обновувањето на игралиштата продолжува во рамки на петтата фаза од проектот за реконструкција. Во наредниот период ќе бидат опфатени детските игралишта во населбата Жданец, на улицата „Букурешка“ во Тафталиџе 1, меѓу зградите на булеварот „Партизански одреди“ број 197 и број 109 во Тафталиџе 1, како и просторот меѓу улиците „Соле Стојчев“ и „Желево“ во Карпош 4.
На игралиштето во Карпош 4 ќе биде поставен и нов реквизит со две лулашки со метална конструкција, а дополнително ќе се изврши и поправка на постојниот реквизит – скалата.
Од Општина Карпош велат дека целта на активностите е создавање побезбедни, поуредни и попријатни простори каде најмладите ќе можат да играат и да се дружат.
„Создаваме побезбедни, поуредни и повесели места за игра и за дружење на најмладите“, велат од локалната самоуправа.
