Реконструкција на трите лабаратории и платото пред влезот, набавка на современа опрема, едукација на доктори и акушерки се само дел од реализираните проекти на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство во скопскиот клинички центар.
На промоцијата беше премиерот Христијан Мицкоски кој изјави дека за реновирање на Клиниката биле инвестирани 34-35 милиони денари, а за опрема 75 милиони денари.
Тој испрати порака до младите да се одлучат, да се реализират како родители, за да се раѓаат што е можно повеќе бебиња.
-Денеска видовме една статистика, за која што јас често пати зборувам во јавност, од 2016-та до 2024-та имаме за 6.000 помалку родени бебења. Ако е една училница од 20 ученици, тоа значи сега имаме 300 празни училници.
Бадијала ќе правиме училишта, градинки, игралишта, улици, булевари, автопати, и се, ако нема кој тоа да го користи, рече премиерот.
За идната година се очекува реконструкцијата да продолжи со изградба на операциона сала и лифтови, како и со обнова на ин-витро одделот.
