Граѓаните на Македонија и странските државјани во првите шест месеци од годинава потрошиле речиси 1,6 милијарди евра на игри на среќа, покажуваат податоците на Управата за јавни приходи.
Најголем дел од средствата биле насочени кон електронски апарати за игри на среќа, додека значаен удел и понатаму имаат казината и обложувалниците.
Високите бројки покажуваат дека овој сектор останува еден од финансиски најмоќните, и покрај мерките што се преземаат за ограничување на близината на објектите за игри на среќа до училиштата и другите образовни установи.
Од приредувачите на игри на среќа реагираат дека дислоцирањето на објектите нема да го реши проблемот со коцкањето. Според нив, таквата мерка може да има спротивен ефект и да придонесе за зголемување на нелегалните активности поврзани со игрите на среќа.
Тие сметаат дека отстранувањето на казината, салите со слот-апарати и обложувалниците од близина на образовните институции нема да ја намали побарувачката, туку дел од активностите би можеле да се префрлат во сива зона, надвор од системот на државен надзор.
