Ролеркостери, авантуристичка машина за вртење 360, адреналинска машина за летање се дел од реквизитите што треба да ги има во новиот Луна Парк во Скопје. Сето тоа ќе се простира на површина од 84.000 квадратни метри.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски објави дека го распишал тендерот за проектирање, набавка и монтажа на реквизитите.
„Реализацијата на овој проект ќе ја означи новата ера на семејна забава во нашиот град,” истакна Ѓорѓиевски.
Лунапаркот беше затворен во 2017 година, кога Коце Трајановски беше градоначалник. Тогаш почна изградбата на нов парк и беа купени неколку реквизити. Со доаѓањето на Петре Шилегов, работите беа стопирани и беше ветен нов, поголем забавен парк со околу 20 дополнителни реквизити, но проектот остана само на хартија.
Во мандатот на Данела Арсовска, јавноста повторно слушаше ветувања но сликата остана иста – ништо не се направи.
Скопје веќе осум години е без функционален Луна Парк.







