Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува судењето за предметот „Државна лотарија“, во кој обвинети се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, поранешниот директор на АД „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами и уште шест лица.
На последното рочиште, одржано на 30 октомври, сведочеше Андреј Крстевски, советник за имплементација на проекти во АД „Државна лотарија“, кој претходно бил член на Управниот и Надзорниот одбор, како и заменик-директор на претпријатието.
Крстевски пред судот зборуваше за начинот на носење одлуки во компанијата и постапката за набавка на ВЛТ-терминалите. Одговарајќи на прашања на Обвинителството, тој посочи дека за идејата за набавката бил информиран лично од Бајрами, а за спроведената постапка дознал откако таа веќе била завршена, преку лица кои биле членови на комисиите задолжени за реализација на постапките.
Во меѓувреме, на 3 ноември, Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје му го укина притворот на Перпарим Бајрами, прифаќајќи гаранција во недвижен имот во вредност од 1.140.781 евро. Покрај гаранцијата, му се определени и мерки на претпазливост, меѓу кои одземање на патната исправа и редовно јавување во судот.
Покрај Груби и Бајрами, обвинети во предметот се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски.
Според обвинението, обвинетите со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари. Сите обвинети досега се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судењето го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.
