Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против вработен во Службата за општи и заеднички работи на Владата, осомничен за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“. Според Обвинителството, осомничениот Д.Ц., кој извршувал задачи како возач за потребите на Генералниот секретаријат на Владата, во периодот од 24 јули до 4 септември побарал 1.500 евра од граѓанин.
Сомнежите се дека парите ги барал за да го искористи своето наводно влијание и да посредува кај службени лица во Град Скопје за вработување по оглас за прием на пожарникари.
Случајот бил пријавен од граѓанинот од кого биле побарани парите, по што Единицата за корупција при Бирото за јавна безбедност, во координација со надлежниот обвинител, започнала активности за обезбедување докази. На 4 септември осомничениот бил затекнат при примопредавање на 500 евра, како дел од претходно побараните 1.500 евра, а парите биле претходно обележани од надлежните органи.
По примопредавањето Д.Ц. бил лишен од слобода, а Обвинителството повело истражна постапка против него.
Поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците и ризик од повторување на делото, јавниот обвинител побарал на осомничениот да му биде определен притвор. Судија на претходна постапка го прифатил предлогот и му определил притвор во траење од 30 дена.
Од Владата потврдија дека осомничениот во моментот на наводното незаконско дејствување работел како возач за потребите на Генералниот секретаријат. Владата наведува дека акцијата била спроведена во соработка со службите на МВР и дека користењето обележани пари овозможило осомничениот да биде затекнат при нивното примање.
Оттаму случајот го оценуваат како пример дека институциите можат заеднички да постапуваат против корупцијата и дека законите треба да важат за сите без исклучок.
Од Обвинителството, пак, нагласуваат дека навременото пријавување на барањата за поткуп и соработката на граѓаните со институциите се клучни за обезбедување докази и ефикасно постапување. Јавното обвинителство ги повика граѓаните да ги пријавуваат случаите на поткуп и противзаконито влијание, нагласувајќи дека ќе продолжи да постапува по сите сознанија за коруптивно однесување за кои постојат основи за обвинителни дејствија.
