Во изминатото деноноќие во државата се регистрирани вкупно 42 пожари на отворен простор, соопшти Центарот за управување со кризи. Според податоците до 7:30 часот утрово, пет пожари се активни, пет се ставени под контрола, а 32 се целосно изгаснати.
Активен е пожарот кај селата Грачани и Никиштани во Општина Ѓорче Петров, при што огнот е активен и на територијата на Косово. Сè уште гори и во месноста Рамно кај селото Брест во Општина Чучер-Сандево, како и на потегот меѓу Буринец, Локов и Селце во Струшко. Активни се и пожарите кај селото Белица во Општина Македонски Брод и кај селото Милетино во Општина Брвеница.
Под контрола се пожарите кај Кнежино и Добреноец и кај Тајмиште во Кичевско, како и пожарот кај Копаница во Општина Сарај.
Контролирани се и пожарите на градската депонија во Делчево и меѓу селата Руѓинце и Орах во Општина Старо Нагоричане.
Во текот на вчерашниот ден целосно се изгаснати 32 пожари на повеќе локации низ Македонија, меѓу кои во Скопскиот, Кумановскиот, Струшкиот, Битолскиот, Струмичкиот и Охридскиот Регион.
