Судењето за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени на 16 март 2025 година, денеска продолжува во Судот во Идризово со сослушување сведоци предложени од Јавното обвинителство на Република Македонија.
Според најавите, на рочиштето треба да бидат сослушани пет сведоци што ги предложило Обвинителството, четворица од нив веќе се обезбедени и се очекува да дадат исказ. На претходното рочиште, сведочевaа лица кои биле присутни во објектот за време на пожарот, вклучувајќи и членови на бендот што настапуваше тогаш, како и гости на дискотеката, кои опишаа дел од настаните и околностите во кои избувнал пожарот.
Јавното обвинителство најави дека на крајот од денешното рочиште ќе се произнесе пред судот во врска со сведоците со кои не може да стапи во контакт за да бидат повикани со судска наредба.
Притоа, судот го повика Обвинителството да се произнесе по предлогот на одбраната за укинување на мерката притвор за еден од обвинетите, како и по прашањето за можното определување мерки на претпазливост.
На претходните рочишта, меѓу другото, сведочеше млада жена која снимала дел од пожарот со мобилен телефон и истакна благодарност кон членови на обезбедувањето кои ѝ помогнале да излезе од објектот.
