Само добро образована и остручена младина може да води едно општество кон прогрес. И кога би се погледнал податокот од лани дека Македонија добила нови 1.855 магистри и 245 доктори на науки, сите треба да сме многу среќни оти имаме нов потенцијал за развојна иднина.
Ама, има ли место за толкаво задоволство?
Две прашања се клучни за да си го дадеме одговорот. Првото е дали сите овие лица навистина имаат доволно знаење за да стекнат високи научни звања, и второто прашање е дали македонскиот систем ги прифака и вработува оние кои навистина учеле и знаат или индиректно ги тера да си заминат од Македонија?
На ова одговор конечно мора да побара, но и даде – министерството за образование, владата, универзитетите, стопанството.
Ете има завиден број на млади кои се амбицирале и завршиле дури и посдипломски студии. Но, беа ли доволно добро насочени и подготвени за реалниот пазар на труд или повеќе се во светот на теоријата? Од друга страна, меѓу нив сигурно има и многу кои се високо подготвени и со знаење и со желба да работат и творат – таквите ќе добијат ли работна шанса и услови да се покажат, и воедно да го развиваат македонското општество?
Затоа, задоволството од големиот број на нови високо образовани луѓе треба да биде делумно, а ќе стане целосно кога реално ќе се одговори на двете дилеми.
