Вечерва авиосообраќајот на Меѓународниот аеродром Скопје е повторно нарушен поради силни и нестабилни воздушни струи, познати како „wind shear“, опасен феномен кој значително го зголемува ризикот при слетување на авиони.
Според првичните информации, најмалку два летови – од Истанбул и Венеција – не успеале да слетаат безбедно на скопската писта и биле пренасочени кон аеродромот во Приштина.
Најкритична била ситуацијата со авионот од Венеција, кој кружел над Скопје повеќе од еден час додека екипажот ја следел состојбата на ветерот, по што одлучил да го прекине приодот и да слета на алтернативен аеродром.
Прекините и одложувањата продолжуваат, а патниците се советуваат редовно да ги проверуваат информациите од своите авиокомпании за актуелните термини на полетување и слетување.
