Јавниот долг на Франција годинава се очекува да достигне 119,3 проценти од БДП, а во 2027 година дополнително да порасне на 121,7 проценти, покажуваат проценките на Министерството за финансии. Тоа би било највисоко ниво откако францускиот статистички институт почнал да води споредливи податоци во 1978 година, откако на крајот на 2025 година долгот изнесуваше околу 3,46 билиони евра или 115,6 проценти од БДП.
Франција веќе е меѓу најзадолжените земји во еврозоната, а според податоците за првиот квартал годинава повисок сооднос на долг и БДП имаа само Грција со 143,5 и Италија со 138,9 проценти.
Главна причина за натамошното задолжување е високиот буџетски дефицит, кој од 5,1 процент од БДП во 2025 година се очекува годинава да порасне на 5,4 проценти. Владата планира во 2027 година да го намали дефицитот на пет проценти, што и натаму е значително над референтната граница на Европската Унија од три проценти.
Франција од 2024 година е во постапка на ЕУ поради прекумерен дефицит, а без дополнителни мерки Министерството за финансии проценува дека дефицитот во 2027 година би можел да достигне околу 6,6 проценти од БДП. Премиерот Себастијан Лекорн најави дека во буџетот за 2027 година ќе треба да се обезбедат околу 54 милијарди евра преку ограничување на расходите и можни промени на даночните олеснувања.
Меѓу политички почувствителните предлози е намалувањето на даночните поволности за дел од пензионерите, а владата нема сигурно парламентарно мнозинство за усвојување на мерките.
Дополнителен притисок создава слабиот економски раст, откако владата ја намали прогнозата за 2026 година од 0,7 на 0,5 проценти, додека француската централна банка очекува раст од само 0,4 проценти.
Истовремено растат и трошоците за задолжување, бидејќи инвеститорите сè повнимателно ја следат способноста на француската влада да го намали дефицитот и да го запре растот на јавниот долг.
