МЗТ Скопје Аеродром стигна до третата победа во новата сезона од АБА2, совладувајќи ја Јахорина со убедливи 96-77 во салата „Јане Сандански“.
Дуелот започна израмнето, а домашните првата четвртина ја затворија со минимално водство од 26-24. Потоа си ја наметнаа играта – особено благодарение на расположената партија на Елајџа МекКаден, кој ја повлече екипата кон двоцифрена предност на полувремето (57-47).
По паузата, Американецот продолжи да доминира, а значајна поддршка му дадоа капитенот Дамјан Стојановски и Гил. МЗТ постепено ја зголемуваше разликата и рутински го приведe мечот до крај со плус 19.
МекКаден беше во своја вечер со 28 поени, додека Гил забележа дабл-дабл од 19 поени и 14 скокови.
Во следното коло, тимот од Аеродром ќе игра на гости кај Златибор на 17 декември, пред паузата што следува до средината на јануари.
