Цената на електричната енергија за домаќинствата можно е да се намали со новата методологија што ја подготвува Владата, најави премиерот Христијан Мицкоски. Тој изјави дека основната цел е најмалку да се задржи сегашната цена, но дека ќе се направи обид струјата и да поевтини.
„Ако ништо друго, барем да ја задржиме истата цена, а зошто да не и се обидеме да ја поевтиниме“, рече Мицкоски при посетата на Штип.
Премиерот посочи дека во досегашниот период од мандатот на Владата немало зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата. Според него, состојбата во енергетскиот сектор во моментов е стабилна и покрај предизвиците предизвикани од кризата и војната на Блискиот Исток.
Мицкоски очекува стабилно снабдување со електрична енергија и во текот на претстојната зима.
