Москва соопшти дека во текот на ноќта била цел на масовен напад со беспилотни летала, при што, според руските власти, кон московската област биле насочени околу 650 дронови.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека противвоздушната одбрана уништила голем број летала, од кои 105 биле соборени на приодите кон руската престолнина.
„Во периодот од 20:30 часот на 5 октомври до 5 часот изутринава на 6 октомври, кон московската област летале 650 дронови. Голем дел од нив биле уништени од силите на противвоздушната одбрана на оддалечените одбранбени линии. На приодите кон Москва биле уништени 105 дронови“, наведе Собјанин во објава на каналот на мобилната апликација „Макс“.
Според руските медиуми, станува збор за еден од најмасовните напади со беспилотни летала врз Москва и околината во изминатите две години.
Засега нема дополнителни информации за евентуална материјална штета или повредени лица, а руските власти не соопштија детали за последиците од нападот.
