Македонија влезе во Новата 2026-та! Граѓаните си упатија честитки со најблиските за здравје, успех и среќа, но и со надеж дека многу отворени прашања, што зад себе ги остави 2025-тата ќе се затворат годинава.
Новата 2026 година, меѓудругото ќе биде и сериозен тест за владеењето на правото и борбата против корупцијата, области во кои довербата е сериозно нарушена. 2026 ќе даде и одговор на прашањето дали ќе биде година на пресврт во Македонија или ќе биде уште едно продолжение на долгата транзиција.
Претседателката Гордана Силјановска – Давкова во честитката напиша: „Посакувам Новата година да биде време на исчекор кон траен светски мир, потпрен на меѓународното право и на меѓународните институции, сакам ние да се вдомиме во Европската Унија, решени да живееме во амбиент на владеење на правото, демократија, економски просперитет и здрава животна средина.
И премиерот Христијан Мицкоски со слична порака: „Во текот на оваа година, многу работи се поместија од мртва точка. Работевме тивко, системски и одговорно. Се поставуваа темелите, се расчистуваа наследени состојби. Се носеа одлуки кои не секогаш беа лесни, но беа исправни. Го зајакнувавме институционалниот капацитет на државата и ја враќавме логиката на ред, закон и одговорност. Посебен акцент беше ставен на правната држава. Започнавме процеси кои значат воспоставување на еднаквоста пред законот и јасни правила што важат за сите. Реформите што ги отпочнавме не се козметички. Тие се длабински и суштински. Таквите реформи бараат време, но тие се предуслов за функционална држава и здраво општество. Свесни сме дека за граѓаните најважно е како тоа се чувствува во секојдневниот живот. Затоа оваа година ја гледаме како година на подготовка и поставување основа, а годината во која влегуваме како година на видлива реализација. Со право можам да кажам дека 2026 година ќе биде година на раздвижување и година на вкупна преобразба на Македонија”, порача Мицкоски.
