Луис Хамилтон смета дека погрешните поставки на болидот и проблемите со управувањето биле главните причини поради кои не успеал да се избори за подобар пласман на Големата награда на САД во Остин.
Возачот на Ферари стартуваше од петтата позиција, но уште на самиот почеток го мина Исак Хаџар и се искачи на четвртото место. Сепак, не успеа да го задржи ритамот на водечките возачи и остана без место на победничкиот подиум.
Хамилтон објасни дека проблемите започнале уште за време на петочните тренинзи, кога тимот не успеал да ги пронајде вистинските поставки за болидот.
Дополнителен хендикеп, според него, бил изборот на меките гуми во првиот дел од трката, поради што изгубил драгоцено време во однос на клупскиот колега Шарл Леклер и актуелниот шампион Макс Верстапен.
„Во првите две етапи едноставно немав доволно темпо. Болидот не реагираше како што требаше во свиоците. Сè започна уште во петокот. На првиот тренинг имавме погрешни поставки, а потоа тргнавме во погрешна насока со измените“, изјави Хамилтон.
Седумкратниот светски шампион верува дека со подобро подготвен болид можел да се вмеша во битката за подиумот, па дури и да се бори за второто место на трката во Остин.
