Началникот на Генералштабот на Армијата, Сашко Лафчиски, со средби со високи претставници на Вооружените сили на САД во Пентагон, во Вашингтон, ја заокружи повеќедневната работна посета на Соединетите Американски Држави.
За време на посетата, Лафчиски се сретнал со началникот на штаб на Армијата на САД, генерал Ренди Џорџ, при што била потврдена високата доверба и соработка меѓу двете армии. На средбата биле разменети искуства за современите безбедносни предизвици, како и за развој на нови воени способности, особено во справувањето со заканите од беспилотни летала и беспосадни системи.
Во разговорите било истакнато и стратешкото значење на армискиот полигон Криволак, како важен капацитет за изведување обуки и воени вежби, како и можностите за негов понатамошен развој и проширување.
Во рамки на посетата, македонската делегација одржала средби и со началникот на Г-8 на Армијата на САД, генерал-потполковник Питер Бенхоф, како и со претставници од директоратот за одбранбена соработка, при што се разговарало за процесите на модернизација и опремување на македонската Армија.
На средбите во Вашингтон им претходеле и други активности, меѓу кои разговор со заменик-началникот на Здружениот штаб на американските вооружени сили, генерал Кристофер Махони, како и присуство на церемонијата за примопредавање на должноста командант на Националната гарда на Вермонт.
Работната посета се оценува како потврда за континуираната соработка и партнерство меѓу Армијата на Северна Македонија и вооружените сили на САД.
