Екипите на ЈП „Комунална хигиена-Скопје“ во текот на октомври собрале и транспортирале 14.000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата и правните субјекти на територијата на градот Скопје.
Од јавно-прометните површини во истиот период биле отстранети и 950 кубни метри непрописно одложен кабаст и градежен отпад. Најголемото количество отпад од диви депонии, во обем од 200 кубни метри, било подигнато во општина Чаир, информираат од претпријатието.
Од „Комунална хигиена“ додаваат дека Еко-патролата во текот на минатиот месец издала 83 едукативно-информативни записници на граѓани и претставници на компании кои биле затекнати при прекршување на Законот за јавна чистота.
Најголем број од записниците, односно 47, биле врачени на територијата на општина Чаир.
Покрај собирањето отпад, екипите на претпријатието продолжиле со секојдневното одржување на јавната хигиена преку рачно и машинско метење и миење на скопските улици, булевари, плоштади, пешачки мостови и други јавни површини.
Од ЈП „Комунална хигиена-Скопје“ посочуваат и дека нивните вработени во администрацијата учествувале во еколошката акција „Не оставај ѓубре, остави пример“, организирана од Град Скопје.
