Кичево ова утро гласа масовно. Во моментот се одржува вториот круг од локалните избори 2025, а видлива е големата излезеност кај кичевчани до 09 часот.
Во првите два часа од гласањето, во Кичево веќе излегле 5,42% од гласачите или 2.765 од 51.016 избирачи. Само за споредба, во првиот круг во Кичево до 09 часот излезноста беше 3,42%.
Излезност на ниво на Македонија:
Одѕивот на вториот круг од локалните избори до 9 часот е 2,88 отсто, а гласале 22 379 граѓани, објави на прес-конференција претседателот на Државната изборна комисија Борис Кондарко. Тоа е нешто послаб процент од излезноста во истиот период од првиот круг кога гласале 3,05 отсто од запишаните гласачи.
На ниво на Град Скопје одѕивот за избр на градоначалник е 2,46 отсто.
– Гласачките места се навреме и уредно отворени, гласањето тече во најдобар ред. Постапката се одвива уредно, немаме никаков проблем досега со изборниот материјал ниту со постапувањето на избирачките одбори, објави Кондарко.
Тој соопшти дека единствено во Дојран на избирачкото место 0385 поради технички пробеми со смарт картица на уред за биометриска идентификација имало мал застој, но проблемот е решен и гласањето тече непрекинато.
Следната прес-конференија на ДИК е закажана за во 11:30 часот.
Во вториот круг на локалните избори денеска се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје на 1771 избирачки места. До 19 часот правото на глас можат да го искористат 1.013.375 гласачи.
Првичните неофицијални резултати се очекуваат по 20 часот.
