Пронајдени се човечко тело и добиток во помошни простории и штали зафатени од пожар кај мост на реката Лепенец во близина на железничката станица во Ѓорче Петров, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Како што информираат од полицијата, вчера во 18 часот во Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје е пријавено дека кај железничката станица во Ѓорче Петров горела сува трева, по што пожарот се проширил и зафатил помошни простории и штали во кои имало домашни животни.
Од таму велат дека пожарот е изгаснат, а во една од помошните простории се пронајдени изгорено човечко тело и добиток.
Инаку, вчера избувна пожар и во населбата Геге во Општина Ѓорче Петров, кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница „Скопје“.
