Артан Груби денеска пред Основниот кривичен суд Скопје се изјасни дека не е виновен за делото што му се става на товар во случајот „Државна лотарија“. Поранешниот прв вицепремиер беше спроведен од куќен притвор со полициска придружба на второто рочиште од судскиот процес, каде потврди дека разбира за што е обвинет.
Вина не признаа ниту поранешниот генерален секретар на Владата Методија Димовски и останатите обвинети кои биле членови на Надзорниот одбор на „Државна лотарија“. Обвинетиот Башким Авди не се изјасни за вина бидејќи побара обвинението и доказите да му бидат доставени на албански јазик, по што судот ја одложи главната расправа.
Обвинителот Александар Давчевски оцени дека Авди го злоупотребува неспорното право на употреба на мајчиниот јазик, додека неговиот адвокат Асмир Алиспаиќ ги отфрли ваквите наводи како некоректни.
Првообвинетиот Прпарим Бајрами и натаму е во бегство и по него е распишана меѓународна потерница, а судот одлучи постапката против него да се води во отсуство. Обвинителството денеска го прочита обвинителниот предлог според кој осумтемина се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување при набавка на видеолотариски терминали за електронски игри на среќа.
Според обвинението, во текот на 2023 и 2024 година тие ги пречекориле службените овластувања иако знаеле дека АД „Државна лотарија“ нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа преку видеолотариски терминали. Со дополнителното прецизирање на обвинението, проценетата штета е зголемена од претходно утврдените 8,2 милиони на околу 9,7 милиони евра, односно 596,1 милиони денари.
Истрагата започна во декември 2024 година, кога осомничените првично беа гонети за проневера во службата. Во текот на постапката Обвинителството ја промени правната квалификација во злоупотреба на службената положба и овластување, образложувајќи дека прибраните докази не биле доволни за докажување проневера во службата.
Обвинителот Даниел Коцев денеска потврди дека промената е направена врз основа на доказите обезбедени во предистражната и истражната постапка.
За првичното дело проневера во службата била предвидена казна од најмалку четири до најмногу 20 години затвор кога е прибавена значителна имотна корист. За злоупотребата на службената положба и овластување за која сега се води постапката е предвидена значително пониска затворска казна, од една до пет години. Коцев нагласи дека обвинителите не смеат да ја избираат правната квалификација според висината на предвидената казна, туку според дејствијата и доказите што можат да ги докажат пред судот.
Судскиот процес ќе продолжи откако ќе бидат исполнети условите Авди да го добие потребниот превод, а сите обвинети во постапката се сметаат за невини до евентуална правосилна осудителна пресуда.
