Во изминатото деноноќие во Македонија се регистрирани 24 пожари на отворен простор, од кои седум се активни, еден е ставен под контрола, а 16 се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи. Според податоците заклучно со 7:30 часот, активен е пожарот меѓу Бела Црква и Подмочани во Општина Ресен, каде гори борова шума и ниска вегетација. Активен останува и пожарот меѓу Копаница и Радуша во Општина Сарај, каде се зафатени нискостеблеста шума и ниска вегетација.
Пожари има и над Палиград во Општина Зелениково, над Нежилово во Чашка, кај Урвич во Боговиње, Градец во Врапчиште и Драгов Дол во Македонски Брод. Под контрола е пожарот што се протега од Трново во Општина Гостивар кон селата Битово, Заград и Страјане во Општина Македонски Брод. На ова подрачје беа зафатени нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат.
Во меѓувреме, целосно се изгаснати 16 пожари на повеќе локации низ државата, меѓу кои во општините Илинден, Ѓорче Петров, Прилеп, Долнени, Ресен, Богданци, Струга, Делчево, Старо Нагоричане, Јегуновце, Тетово, Брвеница, Врапчиште и Маврово-Ростуше.
