Комисијата за избор на кандидат на Република Македонија за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур предложи тројца кандидати кои ќе бидат доставени на оценка до експертскиот панел на Советот на Европа. Станува збор за адвокатите Јордан Апостолски и Наташа Бошковска, како и професорот Сашо Георгиевски.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на прес-конференција соопшти дека изборот бил направен врз основа на критериумите за висок морален углед, квалификации за судиска функција и признат правнички авторитет.
Според него, само мал број од пријавените ги исполнувале условите за вршење судиска функција. Професорот Георгиевски бил препознаен како угледен правен експерт, а двајцата адвокати како професионалци со значајно искуство во областа на човековите права.
Комисијата гласала тајно. Двајца од кандидатите добиле по пет гласа, а третиот четири. До крајот на неделата имињата ќе бидат испратени до експертскиот панел, кој ќе даде конечна процена.
„Кога ќе го добиеме одговорот, ќе ја известиме Владата дали нашиот избор добил зелено светло. Во зависност од тоа, постапката продолжува“, изјави Костадиновски.
Понатаму, Владата треба да ги достави имињата до Комитетот на Советот на Европа, по што следува интервјуирање на кандидатите. По интервјуата, конечниот предлог ќе оди на пленарна седница на Советот на Европа. Следната е закажана за јануари, но според Костадиновски, поверојатно е постапката да заврши до април.
Меѓу кандидатите кои не беа избрани се и Оља Ристова, Тони Менкиноски, Наташа Габер, Александар Даштевски, Али Алиу, Илир Исени, Јелена Ристиќ и Ана Дангова Хуг.
Костадиновски информираше и дека Комисијата постапувала според насоките на Државната комисија за спречување на корупцијата, која претходно укажа на можен судир на интереси. Поради тоа, дел од членовите на Комисијата се иззеле од гласање за одредени кандидати.
Владата во јули ја поништи претходната листа и формира нова Комисија, овојпат со пет члена: претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, претседателот на Врховниот суд Африм Фидани, претседателката на Основниот кривичен суд Даниела Димовска, претседателот на Основниот граѓански суд Бесник Авдија и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Ирина Трајкоска Стрезоски.
