Кога е во прашање евроинтеграцијата на Македонија, од Брисел долго време гледаме две костанти. Првата е – ЕУ не убедува дека сака и нашата земја да стане дел од Унијата, а втората константа е – истата ЕУ ни става сопки на евроинтегративниот пат.
Од неодамна пак, буквално, Брисел на патиштата кон ЕУ стави бариери за македонските превозници. Кога ќе влезат во Шенген-зоната ги регистрира како туристи и не може да останат повеќе од 90 дена во период од 180 дена. Почнаа веќе и да приведуваат и депортираат камионџии од Западен Балкан како да се емигранти. Понижувачко и ги крати можностите за работа.
Ова ЕУ го прави оти се збунети во новите геостратегиски промени или уште еднаш ни покажува дека двојните стандарди се нивен заштитен знак?
Инаку, воведувањето на новиот систем за регистрација за влез во ЕУ полека се претвора во еден вид на казна за сите македонските граѓани, не само за камионџиите. Сведоци сме на долгите редици и понижувања на границите.
Камионџиите почнаа со блокади на граничните премини за товарен сообраќај. Останува да се види дали тоа ќе помогне Брисел да се подзамисли малку и да го корегира односот кон нас или пак ние ќе треба да се подзамислиме каков однос да имаме кон ЕУ.







