Кривичниот суд, но и целиот судски систем во моментов се наоѓа пред еден навистина голем предизвик, односно судење за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани кое е од исклучителна сложеност и општествена важност, порача в.д. претседателката на Основниот Кривичниот суд – Скопје, Даниела Димовска, во своето обраќање на Годишното собрание на Здружението на судии на РСМ, што се одржа денеска во Врховниот суд Скопје.
Димовска, пред колегите од Врховниот, Апелационите и другите судови во земјата како и членовите на Судскиот Совет на РСМ, истакнала дека „овој процес нема да биде само тест на нашата правна подготвеност, туку и на нашата издржливост, професионалност и независност“.
Секој од нас е свесен дека ваквите предмети се следат со големо внимание од јавноста, но тоа само дополнително ја нагласува нашата одговорност да останеме доследни на принципите на правдата и владеењето на правото. Верувам дека како заедница на судии, обединети во истите вредности и стандарди, ќе покажеме дека судството има сила, интегритет и знаење да се справи со секој предизвик — без притисоци, без страв и без компромиси со вистината. Да продолжиме да бидеме пример на професионалност, достоинство и меѓусебна поддршка. Само така можеме да ја зацврстиме довербата во нашата работа и во правосудниот систем, изјави Димовска, се вели во соопштението од Кривичен суд.
