Во судницата во Идризово денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, меѓу кои и деца, а над 200 беа повредени. Судењето треба да продолжи со произнесување на вина и воведни зборови на одбраната, откако на изминатото рочиште обвинителството во воведниот говор порача дека се бара одговорност по име и презиме за тоа кој дозволил, кој молчел и кој не ја спречил трагедијата во ноќниот клуб.
Обвинителот Борче Јанев на првото рочиште за трагичниот пожар истакна дека се бара одговорност по име и презиме, а општеството мора да се соочи со болната вистина и да извлече легитимни одговори за тоа кој дозволил, кој молчел и кој не спречил, бидејќи, како што рече, се бара правда не како утеха или одмазда, туку како последица на незаконитост. „Не е важно само кој го запалил огнот, важно е кој имал кофа вода и не ја истурил“, рече Јанев, нагласувајќи дека катастрофата не е резултат само на пиротехниката, туку на години институционален молк, пропусти и недостиг од контрола кои го претвориле клубот во „смртоносна стапица“.
Обвинителот нагласи дека доказите ќе покажат оти клубот „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од самиот почеток.
-Доказите кои ќе бидат изведени ќе покажат дека без никакви дилеми злоделото во овој настан не е и не може да биде само казнивото дејствие на активација на пиротехниката, злодело е и самото постоење на овој објект толку години. Клубот „Пулс“ отсекогаш бил безбедносна смртоносна стапица, буре барут. Никулците на оваа невидена катастрофа биле одамна изникнати и сите пресудлови за тоа одамна поставени. Доказите ќе покажат дека опасноста која демнела со години никој од овие обвинети не сакал да ја погледне и види, меѓутоа требало, морале и биле должни да ја видат и спречат, порача Јанев
Во овој настан нема случајности, порача Јанев, нагласувајќи дека постои јасно дефиниран кривично правен образец на непостапување кој само поради тешките настапени последици не дозволуваат коментар во несериозен контекст.
-Никој од обвинетите не видел основа за реакција затоа што и другиот пред него тоа не го направил. Нема да видите доказ за било какви дејствија преземени од некој од обвинетите кои би дале поинаков тек на настанот. Нема никакво отстапување од веќе пројавените и долготрајно повторувани еднобразни облици на непостапување. Од овој индолентен бирократски канал и рутина никој не излегол. Доказите ќе покажат дека каузалниот тек на настанот е непрекинат, сѐ до настапување на последицата, порача Јанев.
Сите обвинети, нагласи Јанев, како службени лица само го наследувале и го прифатиле молкот како службен протокол. Вака создадениот преплет од кривичноправни дејствија, како резултат на негрижа, толерирање и игнорирање на сите безбедносни закани и опасности, според Обвиниетлството, директно се согледува во самата настапената последица на 16 март 2025 година.
