Студено и ведро утро го разбуди денот низ целата земја, со температури кои на некои места се спуштија и под нулата. Најстудено беше во Маврови Анови, Лазарополе и Пожар, каде се измерени -1 степен. Нулта температура имаше во Пожаране и Крушево, додека Крива Паланка го започна денот со 1 степен.
Температура од 2 степени е забележана во Претор, Охрид, Тополчани, Куманово и Виница. Тетово, Штип, Прилеп, Берово и Скопје – Зајчев Рид утринава регистрираа 3 степени, додека 4 степени има во Битола, Велес, Кавадарци, Струмица, Демир Капија и Скопје – Петровец. Највисоката минимална температура денес беше измерена во Гевгелија – 5 степени.
Во последните 24 часа паднаа значителни врнежи на повеќе локации. Најмногу дожд имаше во Демир Капија со 40 литри на метар квадратен, а зад неа следат Радовиш (37) и Гевгелија (35). Во Штип се измерени 28 литри, во Струмица 19, во Виница 16, а Куманово бележи 15 литри. Кавадарци и Крива Паланка имаат по 13 литри, Попова Шапка 12, Претор 11, а Маврови Анови и Скопје – Петровец по 10 литри. Помали количини дожд се регистрирани во повеќе градови, а најмалку – само 1 литар – во Скопје – Зајчев Рид и Тополчани.
Според прогнозата, денеска следува променливо облачно време со сончеви периоди. На планините и на повисоките места можно е повремено провејување слаб снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер, а максималните температури ќе достигнат од 5 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви интервали и умерен северен ветер. Максималната температура во главниот град ќе се искачи до 8 степени.
