Необичен случај од индискиот град Гвалиор привлече големо внимание на јавноста, откако полицијата казни возач чиј автомобил бил покриен со илјадници отпечатоци од кармин.
Сопственикот на возилото, Адитја Сикарвар, добил парична казна од 5.500 индиски рупии, односно околу 50 евра, поради неовластена измена на изгледот на автомобилот.
Како што раскажал за локалните медиуми, неговата девојка неколку часа го украсувала автомобилот, оставајќи околу 3.400 отпечатоци од бакнежи. Идејата, според него, била да се следи популарен тренд на социјалните мрежи и видеото да стане вирално.
„Таа мислеше дека видеото ќе стане вирално ако направиме нешто вакво. И беше во право – стана вирално. Го покри целиот автомобил со траги од бакнежи“, изјавил Сикарвар.
Видеото брзо се проширило на социјалните мрежи, по што реагирала сообраќајната полиција.
„Пред неколку дена на интернет се појави видео од автомобил покриен со траги од кармин кој се движеше низ центарот на градот“, изјавил сообраќајниот инспектор Абхишек Рагуванши.
По идентификувањето на возилото, полицијата го привела сопственикот во станица, му изрекла казна и наложила веднаш да ги отстрани сите траги од кармин од каросеријата.
Случајот предизвика бројни реакции на интернет. Дел од корисниците сметаат дека казната е претерана, додека други ја оценија целата ситуација како необична маркетиншка идеја што завршила со неочекувани последици.
