Во изминатото деноноќие, заклучно до 7:30 часот утрово, во Македонија се регистрирани вкупно 27 пожари на отворен простор, од кои осум се активни, два се ставени под контрола, а 17 се изгаснати. Активен останува пожарот во Општина Ресен, меѓу селата Бела Црква и Подмочани, каде што гори борова шума и ниска вегетација. Пожари сè уште има и меѓу Копаница и Радуша во Општина Сарај, меѓу Горно Коњари и Дивљан во Петровец, како и кај селото Копанце во Јегуновце. Активни се и пожарите над Нежилово во Општина Чашка, кај селото Алинци и Касарната во Прилеп и кај селото Урвич во Општина Боговиње.
Под контрола е големиот пожар кој се протегаше од Трново во Општина Гостивар кон селата Битово, Заград и Страјане во Македонски Брод, каде што гореа нискостеблеста шума, вегетација, пасишта и папрат. Ставен под контрола е и пожарот над селото Палиград во Општина Студеничани, кој зафати мешана шума.
Во текот на деноноќието изгаснати се 17 пожари во повеќе општини, меѓу кои Битола, Долнени, Прилеп, Струмица, Босилово, Струга, Куманово, Липково, Бутел, Илинден, Зелениково, Петровец, Гази Баба, Дебар и Штип. Надлежните служби продолжуваат да ја следат состојбата на активните и контролираните пожари поради опасноста од нивно понатамошно ширење или повторно разгорување.
