ЦИА објави 69 досега тајни претседателски разузнавачки извештаи кои откриваат што американските служби знаеле за Осама бин Ладен и Ал Каеда во годините пред нападите од 11 септември 2001 година. Меѓу документите е и извештај од септември 1998 година во кој аналитичар на ЦИА предупредил дека Ал Каеда би можела да насочи авион наполнет со експлозив кон американски град.
Документот бил доставен до Белата куќа во времето на претседателот Бил Клинтон, речиси три години пред терористичките напади врз Њујорк и Вашингтон.
Објавените материјали покажуваат дека ЦИА постојано ги предупредувала Клинтон, а подоцна и Џорџ В. Буш, дека Бин Ладен има намера да изврши напад врз Соединетите Американски Држави. Сепак, американските разузнавачки служби не успеале навреме да ги согледаат размерите и конкретниот облик на операцијата што ја подготвувала Ал Каеда.
Аналитичарите признаваат дека тероризмот во тој период не бил меѓу највисоките разузнавачки приоритети, а информациите од човечки извори биле ограничени и често нејасни. Во ЦИА постоел и страв од таканаречен „замор од предупредувања“, односно дека постојаното повторување на неодредени закани би можело да го намали вниманието на американските власти.
Предупредувањето од 1998 година за можен напад со авион било познато на истрагата за 11 септември, но досега не било јавно познато дека информацијата стигнала директно до претседателот.
И Клинтон и Буш подоцна изјавиле дека биле свесни за опасноста од Ал Каеда, но истражната комисија заклучила дека не ги разбрале целосно потенцијалните размери и непосредноста на заканата.
Еден од последните извештаи пред 11 септември, од 28 август 2001 година, повторно предупредувал на Ал Каеда, но наместо напад со авиони споменувал можни атентати, киднапирања и употреба на ракети, минофрлачи или хемиско и биолошко оружје.
